Новата власт во Северна Македонија се доведе во тешка позиција и треба да излезе од неа. Употребата на уставното име во писмена форма, но не и во усна, ќе предизвика континуирани проблеми и конфузија. Што ќе се случи ако треба да напишат една изјава употребувајќи „Северна Македонија“ и во продолжение да треба да ја прочитаат на глас? Ова политика не е одржлива долгорочно и нема да им дозволи да ја играат соодветната улога во светската заедница, вели медијаторот Метју Нимиц за „Катимерини“.
Во интервјуто што е под наслов „Сите да размислат што добија од Преспа“, специјалниот претставник на ОН во разговорите за името Метју Нимиц говори за придобивките од Договорот, но и за ставовите на новата Влада кај нас.
Објаснува дека понекогаш кога некој е во тешка ситуација, „најдобриот пристап е да се препознае тешкотијата и да се одлучи да се надмине“, нешто што според него не е невообичаено кога станува збор за нови влади, бидејќи, како што вели, често политиката се објавува без длабински да се земат предвид сите импликации.
-Ако некој следи погрешен пат, најдоброто решение, кога ќе го сфати тоа е да се коригира. Самоуверена и психолошки силна личност ќе го направи тоа брзо. Може да постои некое оспорување за околу една седмица, но работите набргу ќе се движат поконструктивно. Другите лидери и јавноста ќе ја препознаат корекцијата и ќе го почитуваат лидерот кој во од се прилагодува. Врз основа на оваа филозофија за справување со реалноста, раководството на Северна Македонија, според мене, треба да признае дека „Република Северна Македонија“ е името на државата, дека тоа е убаво и чесно признаено во целиот свет, во ОН, НАТО и ЕУ и е име за кое треба да се горди, објаснува Нимиц.
Вели дека новата власт „треба да посвети малку време да размисли мирно, без да дава многу изјави, која ќе треба да биде нејзината политика“ во однос на Грција, на другите соседи, на ЕУ, а особено во внатрешноста на земјата, посочувајќи дека „извојуваа импресивна политичка победа, но таа поддршка лесно може да се изгуби“.
-Националните лидери ќе треба да препознаат дека времињата се опасни, особено за малите земји што се во нестабилен регион. Позитивните односи со соседите треба да бидат врвен приоритет. Веќе немам никаква формална или неформална улога. Целосно се повлеков од јавниот живот. Но, ако треба да дадам препораки до Скопје, би ги повикал 80 отсто од својата енергија да ја фокусираат на спроведување внатрешни реформи во области како што се борбата против корупцијата, силно јавно управување, владеењето на правото, образованието, економскиот развој и конструктивни меѓународни односи. Исто така, да се опстои во напорите за влез во ЕУ и покрај разочарувањата, вели Нимиц.
За останатите 20 отсто од енергијата и кон што треба да ги насочи новата Влада, медијаторот коментира дека треба да работат конструктивно и приоритет прво да биде решавање на отворените прашања со Бугарија, „но и на нормализирање на ненадејното нарушување на односите со Грција“ и секако да останат посветени на останатите регионални и пошироки надворешнополитички приоритети.