Фино изгледа дека фуриозно започнува со работа новата Влада. Но, работите не се секогаш така како што изгледаат, па затоа да ги гледаме работите пореално. Тие можат да почнат фуриозно, но ние не треба сѐ да прифаќаме со еуфорија.
За да биде појасно: Парите за новиот ветерен парк на Мицкоски, инвеститорот Алказар Енерџи треба да ги обезбеди до последниот квартал на 2025 година, а работите на изградбата на ветерниот парк меѓу Карбинци, Штип и Радовиш треба да започне на почетокот на 2026 година.
Така стои и во официјалното соопштение на Алказар Енерџи кое беше објавено веднаш по претставувањето на инвестицијата.
Со еден збор, полека, да видиме. Едно е претставување на проектот, а друго старт за негова реализација.
Ако ја дочекаме реализацијата на оваа идеја, ветерната на 75 километри од Скопје, ќе ја унапреди инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција на Северна Македонија, и ќе даде значителен придонес во намалувањето на емисиите на стакленички гасови во земјата. Проектот се проценува дека ќе создаде повеќе од 630 работни места во градежништвото и штом ќе биде оперативен, ќе произведува доволно чиста енергија за напојување на над 100.000 домаќинства годишно, притоа избегнувајќи ослободување на преку 670.000 тони CO2-eq годишно.
Инаку, за да биде уште појасно, Алказар Енерџи е инвестициски фонд, со фокус на инфраструктурни проекти во енергетиката. Но за да реализира некоја инвестиција, како и секој од овој тип инвестициски фондови, „собира“ пари од други извори кои не мора да се банки. Затоа парите за ветерниот парк кај Штип, ќе се собираат до крајот на 2025 година.
Извор: Рацин.мк