Новиот премиер на државата и претседател на ВМРО-ДПМНЕ ја објави својата имотна состојба.
Како што може да се види во анкетниот лист доставен до Државната комисија за спречување корупција, Мицкоски од недвижен имот поседува куќа во скопско Влае вредна 26,8 милиони денари или околу 450.000 евра.
Мицкоски овој имот го стекнал со купопродажен договор во 2014 година, кога бил професор на Машинскиот факултет во Скопје.
Мицкоски нема наведено дека поседува автомобил или друго превозно средство, но има пријавено дека има два часовника, кои ги поседува од 2015, односно 2016 година. Едниот вреди околу 40.000 евра или околу 2,3 милиони денари, додека другиот часовник околу 800 илјади денари или околу 13 илјади евра.
Премиерот пријавил и девизен влог во евра, без да наведе кој е износот и какви девизи се во штедната книшка, а од долгови, пак, тој пријавил и дека има потрошувачки кредит од околу 400.000 денари.