Партиските назначувања предизвикуваат се поголем отпор и хаос во државата. Веќе неколку денови на скопската Клиника за детски болести се кршат копјата за тоа кој ќе седне на директорското столче- информира „Фокус“.
Детската клиника се смета за една од најкритичните клиники, со оглед на тоа што таму се хоспитализираат најтешко болните деца. Според информациите на „Фокус“, првиот човек на клиниката ќе биде од редовите на ВРЕДИ, поточно на директорското столче ќе седне Реџеп Мемеди, кој доаѓа од Алтернатива. Но, иако, актуелниот министер за здравство Арбен Таравари во последната недела назначи повеќе од 15 директори, сепак Мемеди се уште официјално не ја преземал функцијата.
Веќе неколку денови до редакцијата на „Фокус“ стигале реакции против неговото назначување. Повеќето од лекарите-специјалисти се против таквата одлука на Таравари, барајќи со оваа клиника треба да менаџира искусен лекар кој добро ја познава работата. Уште пострашно во целата приказна е што повеќето од нив се закануваат дека ќе ја напуштат клиниката ако Мемеди седне на директорското столче, што ќе предизвика дополнителен хаос внатре, каде што се лекуваат најмалите.
„Воопшто не се мислам. Ако тој биде назначен за директор, јас веднаш ќе се спакувам и ќе си одам“, објаснила за „Фокус“ докторка, која е повеќе од 25 години на Детска клиника.
Мемеди е специјалист по педијатрија и пратеник во периодот од 2016 до 2020 година. Со клиниката досега раководеше доктор Валентина Цвејоска- Чолаковска, која успеа да воведе ред, да им помогне на пациентите со цистична фиброза, кои со години се молеа за потребниот лек.