Денеска, 8 јули, во Основниот суд во Струга се одложи рочиштето за главна расправа во судскиот процес против струшкиот градоначалник Рамиз Мерко за набавката на луксузниот автомобил „ауди А6“ вреден 67 илјади евра. Причината за одложување на рочиштето е што на судот му е потребно време да ги разгледа предлозите што ги дале обвинителот и одбраната.
Јавниот обвинител од Основно јавно обвинителство Струга Никола Јолески побара судот да ги одбие предложените докази од одбраната со образложение дека се нејасни и нецелосни и оти ќе придонесат за одолговлекување на постапката.
Адвокатот на Мерко, Игор Петкоски, пак, побара судот да го отфрли обвинителниот предлог, бидејќи, според него, рокот за обвинение изминал.
„Обвинителниот предлог од страна на Јавното обвинителство е поднесен на 28 февруари 2024 година до Основен кривичен суд Скопје, со кој обвинетиот се товари за дејствија од 2018 година, што значи изминале повеќе од пет години и судот требало согласно член 337 од Законот за кривична постапка, да донесе решение со кое ќе го одбие обвинителниот предлог“, рече адвокатот Петкоски, пренесе МИА.
Судијката Надица Митреска рече дека како суд треба да ги проверат околностите, особено за барањето на одбраната која предлага да се донесе решение дека е настапена застареност на кривичното гонење.
Следното рочиште треба да се одржи на 2 септември.
Обвинението за набавката на „аудито“ беше поднесено на 1 март. Покрај за него, тоа опфаќа набавка на уште три автомобили. Вредноста на сите возила е околу 114.000 евра. Според обвинителството, Мерко како градоначалник го оштетил општинскиот буџет спротивно на начелата на законитост и спротивно на јавниот интерес во услови кога општината имала неподмирени долгови и блокирана жиро-сметка.
Мерко во предметот се гони за злоупотреба на службената положба и овластувања.