Метео анализа на Славчо Попоски
Почитувани мои, во Македонија е во текот најдолгиот и најсилниот топлотен Африкански бран ова лето. До самиот крај од оваа, како и во текот на следната седмица температурите и понатаму ќе ни бидат екстремно високи и во најголем дел од Македонија ќе се искачуваат до, па и над 35 степени. Во најтоплите централни и југоисточни предели температурата локално ќе се искачи до 43 степени оваа седмица, додека во текот на следната седмица во овие предели можни се температури и до 45 степени.
Во Скопската котлина очекуваме температури до околу 40 степени, но со тоа што повремено таа е можно и да надминува 40 степени.
За време на овој период во најголем дел од Македонија очекуваме и тропски ноќи, односно температурите во текот на ноќните и утринските часови нема да се спуштаат под 20 степени.
Времето ќе биде стабилно, суво и сончево со појава на мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен и од североисточен правец и истиот повремено ќе засилува на интензитет. Само во недела во попладневните и во вечерните часови ќе има услови за изолирана појава на нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за појава на краткотрајно невреме.
УВ индексот и понатаму ќе има многу висока, до екстремно висока вредост 9, па токму поради ова апелираме граѓаните без потреба да не излегуваат во најтоплиот ден од денот (од 11 до 17 часот), но и да пијат повеќе течности.