Пожарот што синоќа околу 23 часот избувна во населбата Ахарнес во северозападниот дел на Атина и поради ветерот брзо се прошири, зафати и две фабрики за пластика и хартија, од кои едната целосно изгоре, додека пак утрово огнените јазици се ставени под контрола, јави дописничката на МИА од Атина.
Од бројот 112 за итни повици, до жителите на околните населби беа испратени две пораки, едната за да бидат во состојба на готовност, доколку е неопходна евакуација, а втората да се заштитат од чадот.
Откако пожарникарите во текот на ноќта го гаснеа пожарот, утрово е ставен под контрола и дополнително ќе се проценуваат штетите, а според првичните информации, фабриката за хартија целосно изгорела, додека пак во онаа за пластика сè уште има мали жаришта, а изгореа и неколку автомобили паркирани во близина.
Во борбата со огнените јазици учествуваа над 60 пожарникари со 17 возила, а помагаа волонтери и цистерни од општините.