Во СВР Велес синоќа во 21.40 часот било пријавено дека на улица „Вардарска“ во Велес, мопед „џонвеј“ управуван од малолетник, удрил во тротоар и паднал на коловозот. Како што информираа денеска од СВР Велес, во несреќата со тешки повреди се здобила малолетна сопатничка, а возачот на мопедот се здобил со телесни повреди, констатирани во болницата во Велес.
Увид на местото извршила увидна екипа од СВР Велес.
Како што информира за МИА, Марина Андова портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес, малолетната 16 годишна сопатничка на мопедот во Ургентниот центар на велешката Општа болница со возило на Итна помош била донесена околу 22 часот. По направената компјутерска томографија на глава дежурниот тим на лекари констатирале повреди на главата и фрактура на носна коска. Поради сериозноста на повредите со медицинско возило од болницата била однесена на понатамошно лекување во скопските Клиники „Мајка Тереза“.