Портокалово ниво на опасност од високи температури, Владата со препораки до граѓаните

Од денеска до средината на следната недела повеќе места во државата ќе бидат во портокалова фаза од опасност од високи температури.

Според препораките што Владата вчера ги усвои на онлајн седница, од работа треба да бидат ослободени бремените жени и лицата над 60 години.

На работодавачите им се препорачува да ги реорганизираат работните активности за да се избегне вршење на градежни и други физички активности на отворено во период од 11 до 17 часот, а на детските градинки да не организираат активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.

– Владата им препорачува на единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да пружат помош на осамени, стари, изнемоштени лица и на бездомници, a со оглед дека одредени ризични производствени и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик за здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област, информираа вчера од Владата.

Од Институтот за јавно здравје апелираа до граѓаните да носат вода со себе, шешир или чадор за заштита, лесна, светла и комотна облека, да се разладуваат со вентилатори или клима уреди и да се тушираат со посвежа или млака вода кога чувствуваат дека им е топло.

Препорака е да се јаде овошје и салати, да се избегнуваат алкохол, кафе, чај, како и топла, зачинета и солена храна што може да дехидрира.

Од Итната медицинска помош во Скопје велат дека поради топлото време имаат зголемен број на интервенции поради колапси на јавни места.

– Колабираат и помлади и повозрасни граѓани. Дневно имаме пријави за околу десетина колапси. Дали во автобус, дали на работно место. . . Имаме и пораст на повици од лица кои бараат совети телефонски, изјави за МИА доктор Рихад Реџепи од Итната медицинска помош.

Од Управата за хидрометеоролошки работи најавуваат дека од денеска до средината на следната седмица на повеќе места ќе биде активирано портокаловото ниво за опасност од високи температури.

Во недела в попладневните работи, според синоптичарите, ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи. 

Треба да знаете
Последни објави