Амбасадорот Гир во Претор ќе го отвори „Форумот за развој на Преспа“, поддршка за развој на Преспанскиот регион преку програмата „ЕУ4Преспа“

Амбасадорот Дејвид Гир, шеф на делегацијата на Европската Унија, и Армен Григорјан, постојан претставник на Програмата за развој на Обединетите нации, денеска во Ресен ќе ги промовираат можностите финансирани од ЕУ понудени на Преспанскиот регион за обновување на природните ресурси, за одржливо земјоделство и туризам и подобрување на инфраструктурата.

На промотивните настани, чиј домаќин ќе биде градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски, како што соопштија организаторите, ќе учествуваат првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, министерот за европски прашања Орхан Муртезани и министерот за земјоделство Цветан Трипуновски.

По обраќањата, најавено е дека ќе се посети семејниот овоштарник „Духот на Преспа“ во Царев Двор за да се прикажат потенцијалот, предизвиците и решенијата за агротуризмот во Преспанскиот регион. Потоа ќе се посети граничниот премин „Маркова нова“ помеѓу Долно Дупени од македонска страна и Лаимос во Грција.

Најавено е дека амбасадорот Гир попладне во Претор ќе го отвори „Форумот за развој на Преспа“ во присуство на вицепремиерот и министрите, локалните чинители и градоначалниците од трите земји на крајбрежјето на Преспанското Езеро: Ресен (Северна Македонија), Лаимос (Грција) и Пустец (Албанија).

Програмата „ЕУ4Преспа“ е во вредност од 21,5 милиони евра, од кои 18 милиони евра, односно 84 отсто се обезбедени од Европската Унија. Целите на програмата се повеќекратно меѓусебно поврзани: 1. Поддршка на локалните земјоделци и туристички провајдери за ‘зазеленување’ на нивните бизниси и создавање зелени работни места; 2.Инвестиции за намалување на загадувањето во Преспанскио регион (за собирање и третман на отпадни води и управување со цврст отпад); 3. Подобрување на прекуграничната мобилност; 4. Поддршка за локални невладини организации, паркови и институции за заштита и валоризација на природното и културното наследство; 5. Консолидација на прекуграничниот парк Преспа.

Преспанскиот регион веќе е корисник на програмата „ЕУ4Преспа“ преку четири грантови доделени на локални граѓански организации и два договора за придонес потпишани со УНДП. Дополнително,  7,7 милиони евра финансиски средства од ЕУ во рамките на програмата за прекугранична соработка меѓу Грција и Северна Македонија се на располагање за повторно отворање на граничниот премин „Маркова нога“. 

Треба да знаете
Последни објави