Врз Трамп пукано со пушка АР-15, најпродавното оружје во САД што може да се купи онлајн за 1.000 долари

Истражителите заплениле пушка АР-15 по обидот за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп на предизборен митинг во Пенсилванија. Се верува дека оружјето било употребено во обидот за атентат, објавија Њујорк Тајмс и Вашингтон пост.

АР-15 е полуавтоматска пушка која главно ја произведува „Колт“. Пушката е речиси идентична по изглед со јуришната пушка М16 што ја користи американската војска.

За разлика од воената верзија, АР-15 не е способна за рафално пукање, но искусните стрелци сепак можат да испукаат голем број куршуми за многу кратко време.

Огнената моќ на пушката варира во зависност од моделот и производителот.

Оружјето може да се купи онлајн во САД за околу 1.000 долари.

АР-15 се покажа контроверзен во последниве децении, откако беше употребен во неколку масовни престрелки во САД. Оружјето беше забрането неколку години, но повторно стана достапно од 2004 година. Тоа е најпродаваното оружје во САД, и го поседува еден од дваесет Американци.

Активистите за поддршка на правото на поседување оружје тврдат дека милиони Американци ја користат АР-15  како ловечка пушка, за самоодбрана или на полигони за стрелање.

И покрај тоа, како што оценуваат американските медиуми, неговата употреба во обидот за атентат врз поранешниот претседател Трамп, кој се кандидира за нов претседателски мандат на изборите во ноември, сигурно ќе ја разгори дебатата за контролата на оружјето во САД.

Треба да знаете
Последни објави