Метео анализа на Славчо Попоски:
Од денес (вторник), па се до петок 19.7.2024 во Македонија го очекуваме максимумот на овој екстремно топол бран од Африка, па така максималните дневни температури во Македонија речиси насекаде ќе надминуваат 35 степени, додека во најтоплите централни и југоисточни предели тие понекаде ќе достигнуваат и до околу 43 степени. Особено во Гевгелиско, како и во Демир Каписко температурата повремено би можела да се искачи и до близу 45 степени.
Тука се и тропските ноќи, и тоа особено во централните и во југоисточните предели каде температурта во ноќните и во раните утрински часови нема да се спушта под 20 степени. Инаку во Скопје за време на овој максимум на екстремно топлиот бран од Африка максималната температура ќе се искачува во интервалот помеѓу 40 и 42 степени. И во делови од Скопската котлина очекуваме појава на тропски ноќи.
Времето ќе биде претежно стабилно, суво и сончево со појава на мала до умерена локална облачност во попладневните часови. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец, и истиот повремено ќе засилува на интензитет. Во четврток попладне, особено во планинските предели можна е појава на краткотрајна нестабилност.
Промена на времето очекуваме од петок попладне, кога ќе растат условите за развој на грмотевични облаци и за појава на локално невреме во Македонија.
Ув индексот ќе има екстремно висока вредност 10, па затоа апелираме граѓаните да не излегуваат кога е најтопло (од 11 до 17 часот), но и да пијат повеќе течности.