Метео анализа на Славчо Попоски:
Почитувани мои, поради продор на атмосферски фронт од север, атмосферата над нашата територија, како и над целиот регион во следните денови се повеќе ќе се дестабилизира, па така ќе започнат да растат условите за локален развој на грмотевични облаци кои ќе условуваат појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Во Македонија утре (среда) а особено во четврток најпрвин особено во планинските места ќе има развој на вакви грмотевични облаци, при што е можна и појава на локално и краткотрајно невреме. Во петок, како и за време на викендот над целата територија на Македонија ќе се развиваат локални грмотевични облаци, па така пороен дожд, грмежи и засилен ветер ќе има на повеќе места.
Можна е и појава на поинтензивни атмосферски процеси во вид на невреме, проследено со поројни врнежи од дожд, силни грмежи и електрични празнења, краткотрајно силен ветер и со појава на град. И во делови од Скопската котлина во овие денови ќе има развој на грмотевични облаци, со што е можно и краткотрајно невреме.
Сепак и покрај ова, за време на викендот очекуваме само минимален пад на температурите на воздухот, и тоа за најмногу 3 до 4 степени, што значи дека многу топлото време продолжува, но сепак со локални попладневни освежувања.
Следете ја алатката за рано предупредување од невреме “НОТАС” и истата е од голема корист за секој граѓанин https://nothas.finki.ukim.mk/