Околу 45.000 полицајци ќе го обезбедуваат отворањето на Олимписките игри во Париз на 26 јули, на кои ќе присуствуваат над 100 шефови на држави и влади, изјави денеска висок француски функционер, додавајќи дека нема промени во безбедносните планови по нападот на Доналд Трамп минатиот викенд.
„На церемонијата, која за прв пат ќе се одржи надвор од стадионот, ќе учествуваат околу 80 чамци кои ќе превезуваат спортисти од целиот свет на речната рута покрај Сена до Ајфеловата кула“, рече францускиот функционер Ламбис Константинидис, шеф на планирање и координација за Олимпијадата, според Ројтерс.
Со 300.000 гледачи кои се очекуваат на париските кејови покрај Сена, церемонијата претставува сериозен безбедносен предизвик, особено во време на војна во Појасот Газа и Украина.
„Тоа е рута долга шест километри, така што е огромна област која треба да биде под безбедносен надзор. Затоа ни требаат толку многу луѓе“, рече Константинидис и посочи дека француските безбедносни служби имаат „многу блиска соработка со американските безбедносни служби. и со Тајната служба на САД, со која се споделуваат сите релевантни информации.
Конфликтите во странство и безбедносните грижи во Франција ја поттикнаа француската влада да ја подигне својата безбедносна тревога на највисоко ниво претходно оваа година.
Во мај оваа година во францускиот град Сент Етјен беше уапсен маж осомничен дека планирал напад во име на Исламската држава врз фудбалскиот стадион во градот за време на Олимпијадата.