Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес оствари средба со амбасадорот на Република Казахстан, Сатибалди Буршаков.
Муцунски ја поздрави одлуката на казахстанската Влада за отворање на Амбасада во Скопје, и му посака добредојде и успешна работа на амбасадорот Буршаков, прв резидентен Амбасадор на Република Казахстан во земјава.
Соговорниците искажаа заемно задоволство од успешниот развој на односите меѓу двете држави, со очекување дека новоотворената Амбасада на Република Казахстан во Скопје ќе придонесе за натамошно продлабочување на економската соработка, бизнис врски и зголемување на трговската размена меѓу двете земји.
Воедно, Министерот го запозна Амбасадорот со проектите и приоритетите на новата Влада, ставајќи акцент на нашиот евроинтегративен процес, а беа разменети и мислења за значајни надворешно-политички теми.