Метео анализа на Славчо Попоски:
Поради продор на посвеж воздух од север, како и неговиот судир со значително потоплата воздушна маса од југ, над Македонија особено во попладневните и во вечерните часови ќе дојде до поголема дестабилизација на атмосферата. На повеќе места се очекува развој на нестабилност, проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер.
Локално процесите ќе бидат поинтензивни (во форма на невреме) проследено со поројни врнежи од дожд, силни грмежи и електрични празнења, силен ветер и со појава на град. И во Скопската котлина во среда попладне ќе има појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а во делови од котлината ќе има услови и за појава на невреме.
Што се однесува до температурата, таа ќе се искачува во интервалот од 29 до 37 степени, а во деновите потоа позначително ќе се намали. Апелираме, во случај на појава на невреме и на силни електрични празнења, да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја.