Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на средба со норвешката амбасадорка во земјава Кристин Мелсом го потврдил ангажирањето на Пол Вилијамс, еден од авторите на Охридскиот рамковен договор, во подготовка на платформа за меѓуетнички легитимитет на централните и локалните институции врз основа на изборните резултати.
„Во спротивно, причината за учество во изборните процеси на заедниците кај нас се губи доколку нивните претставници се определуваат со диктат од поголемата заедница, како во времето на едноумие“се додава во соопштението на ДУИ.
На средбата со норвешката амбасадорка, Ахмети ја истакнал важноста од почитување на Преспанскиот, Охридскиот и Договорот за добрососедство, како и меѓуетничкиот легитимитет на институциите како резултат на изборниот процес, во духот на Охридскиот договор.
Дека Пол Вилијамс ќе биде ангажиран за прецизирање на законско или уставно решение на т.н. Мајски договор, односно озаконување на меѓупартиското коалицирање по принципот победник со победник минатата недела на прес-конференција потврди и координаторот на пратеничката група на „Европскиот фронт“, Блерим Беџети.
Ова уследи по неодамнешниот состанок на ДУИ на кој партијата усвои три резолуции, меѓу кои една за почитување на начелото легитимитет во контекст на одредбите од Охридскиот договор, а друга за неопходноста од спроведувањето на Охридскиот, Преспанскиот и Договорот за добрососедство со Бугарија.
Инаку, Пол Вилијамс е професор по право и меѓународни односи на Американскиот универзитет, предава на Факултетот за меѓународни односи и на Вашингтонскиот правен колеџ. Тој е претседател и коосновач на Групата за меѓународно јавно право и политика (PILPG) – невладина про боно организација која им помага на земјите и владите во мировни преговори, во уредување на постконфликтното законодавство и асистира во изготвување документација за кривично гонење на воени злосторници.
Освен во земјава, каде што бил ангажиран во преговорите за постигнување на Охридскиот договор, во неговото портфолио се и ангажманите во преговорите за Дејтонскиот договор, Договорот од Рамбуе, преговорите Подгорица/Белград за Србија и Црна Гора. Вилијамс учествувал како советник и во преговорите за Нагорно-Карабах, преговорите во Осло и Женева за Граѓанската војна во Шри Ланка и на мировните разговори во Сомалија