Во државава како и секаде во регионот и во светот постои само една национална академија. Македонската академија за науките и уметностите отсекогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и каква било друга припадност. За политичките партии и нивните влијанија никогаш немало место во неа, ваков е ставот на МАНУ, откако коалицијата „Вреди“ викендов излезе со иницијатива за формирањ албанска академија.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, е дециден дека ја имаме Македонската академија на науките и уметностите, во чии рамки се собрани научниците од различна етничка припадност и треба, вели, да работиме во насока на збогатување на научната мисла и оти иднината не е во поделби, туку во обединување.
-МАНУ отсекогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, независно од етничката, верската и каква било друга припадност. За политичките партии и нивните влијанија никогаш немало место во неа, соопшти вчера попладне Претседателството на МАНУ како реакција на најавата, како што наведува, „од некои политички партии за основање академија на етничките Албанци во Македонија“.
Нагласува дека во Македонија, како и во земјите од регионот и насекаде во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии.
-Од нејзиното основање до денес, во Академијата членови биле припадници на македонскиот народ, но исто така и на сите етнички заедници. Меѓу другите, во последната декада во составот на МАНУ имаше четири члена од албанска етничка припадност (од коишто во трите последователни раководства еден беше научен секретар, а двајца потпретстедатели на Академијата, од кои еден е во актуелното раководство), како и три члена надвор од работниот состав, соопшти Претседателството на МАНУ.
Осврнувајќи се на формирањето на МАНУ во 1967 година, како највисока научна и уметничка институција во Република Македонија, во рамките на тогашната Југословенска федерација, посочува дека „првиот состав на академици е избран согласно највисоките универзални научни и уметнички стандарди и китериуми“.
-Денес МАНУ претставува најзначајна национална научна и уметничка институција од посебен општествен интерес во нашата држава, која со децении наназад, со својата научно-истражувачка дејност, творештво и советодавна улога, претставува столб во градењето и зачувувањето на идентитетот и државноста на македонскиот народ и деловите од другите народи кои живеат во земјата, наведува Претседателството на МАНУ.
Во реакцијата апелира и „МАНУ да не се вовлекува во дневнополитички расправи и партиски дискусии кои ја оптоваруваат редовната дејност на Академијата, а спаѓаат во доменот на Законодавниот дом и државните институции“.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, вчера одговарајќи на новинарско прашање во врска со иницијативата на „Вреди“ за формирање албанска академија, рече дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен.
– Ние ја имаме Македонската академија на науките и уметностите, во чии рамки се собрани научниците од различна етничка припадност и треба да работиме во насока на збогатување на научната мисла, тоа е иднината, изјави Мицкоски Мицкоски вчера по средбата со претставниците на Стопанска комора на северозападна Македонија, нагласи дека иднината не е во поделби, туку во обединување.
– Иднината не е во поделби, туку иднината е во обединување, така што ценам дека треба да се развиваме во ова насока, рече тој.
За тоа дали ваквите различни ставови се предизвик за коалицијата и колку е таа стабилна, премиерот со став дека имаат искрена и принципиелна соработка со сите коалициски партнери, а на прашањето да даде оценка за релацијата Вреди-ЗНАМ, рече дека според неговите сознанија и меѓу нив има принципиелна соработка.
Министерот за здравство Арбен Таравари денеска изјави дека нема несогласувања во владината коалиција во однос на нивната идеја за албанската академија за науки и уметности и нагласи дека тоа било програмска определба на „Вреди“ во текот на кампањата за претседателските и парламентарните избори.
Според Таравари, сите идеи кои се однесуваат на науката и уметноста се добри и засега, како што рече, започнале како иницијатива во четири општини, а за понатаму сакаат да најдат решение кое е прифатливо за сите граѓани во земјава.
-Ние немаме несогласување, ова ни беше програмска определба уште кога беше кампањата пред претседателскит и парламентарните избори. Идеите, кои се однесуваат на уметноста и науката мислам дека се добри и убави. Засега почнавме како иницијатива од четири општини, а понатаму се надевам дека ќе најдеме решение, кое би било прифатливо за сите кои што живееме во Република Македонија, рече Таравари.
Во врска со реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, која е и нивни коалициски партнер, дека науката не смее да се етницира, Таравари вели дека се согласува и дека тие не ја етницираат науката.
-Науката никогаш не се етницира, таман работа, имаме повеќе универзитети, не ја етницираме и ќе имаме повеќе институции кои се занимаваат со наука и со уметност и да ги развиваме овие институции и што повеќе да ги поддржуваме, бидејќи секоја година кога се објавуваат резултатите на рангирањето на универзитетите, нашите за жал се за никаде. Сите да дадеме максимум од себе науката и уметноста на сите етнички заедници, кои живеат во Македонија, се повеќе и подобро да се развиваат, рече Таравари.
За иницијативата на „Вреди“ за формирање албанска академија, министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ, вчера кажа дека станува збор за „гола политичка импровизација“, бидејќи МАНУ е основана согласно закон и мошне тешко би можело да се промени тоа законско решение.
– Невозможно е да има паралелизам. Ако некој се колне во Европската Унија и постојано на јавноста и презентира приказни за ЕУ, а ваму ни воведува паралелизам во Академијата, како што ДУИ и СДСМ претходно направија со државната администрација, запослувајќи партиски војници и правејќи милиони злоуптореби на системот на вработување, тогаш оценката на Европската комисија дека државната администрација е во катастрофална состoјба треба утре да ни се одрази кога станува збор за Македонската академија на науки и уметности? Ако дојде време да ги делиме научниците по национална основа мислaм дека „многу далеку ќе стигнеме“, нагласи Стоилковиќ.
Од Левица, пак, велат дека трендот на создавање паралелни национални институции со што дополнително се урнисува унитарниот карактер на државата, продолжува во исто темпо и со новата власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
-Во ниту една унитарна држава не постојат две паралелни научни академии, затоа што науката не може да биде заробена од етнички концепти. Ваквите етно-шовинистички барања на „Вреди“ единствено ја продлабочуваат веќе длабоко наметната бинационална држава и дополнително водат кон федерализација! Додека партнерите од власта ДПМНЕ и ЗНАМ се „изненадени” од ваквите изблици, потсетуваме дека токму Билал Касами од „Вреди“ отворено ги има промовирано своите великоалбански претензии, па дури и изјавуваше дека Македонија (после Косово) ќе стане трета албанска држава, се наведува во денешното соопштение од Левица.
Претставници и лидери на партиите кои ја сочинуваат коалицијата „Вреди“ викендов имаа средба со Здружението Албанска академија на науките и уметност во Тетово од која најавија дека општините ќе го финансираат ова здружение, а најавија и активности со цел да се оформи академијата како јавна установа, што пак предизвика реакција и несогласување кај нивните коалициските партнери во Владата, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, како и опозициските СДСМ и ДУИ.
– На почеток оваа академија ќе биде поддржана од општините. Во меѓувреме сè додека не најдеме законско решение таа да функционира согласно законот и поддржана финансиски од буџетот, односно од јавните пари. Ова е еден чекор за да покажеме дека Албанците како важен дел на оваа држава можат да придонесат и во науката, може да придонесат и во уметноста и во сите области на ова општество затоа што цениме дека како втор по голема народ во државата имаме интелектуални капацитети за да основаме академија која ќе придонесе во сите овие области за кои ќе биде основана, изјави Касами, од Беса во име на коалицијата „Вреди“.
Зеќир Кадриу, секретар на Здружението Албанска академија на науките и уметност во Тетово рече дека ова е нивна втора средба со коалицијата „Вреди“ која донела конкретни решенија.
Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити вчера ја поздрави оваа иницијатива, а во однос на нејзиното финансирање рече дека во првата фаза поддршка ќе има од општините, а понатаму ќе разговараат, ќе преговараат и додаде оти ќе се најде решение.
– Сето тоа ќе оди во прилог и на државата. Што повеќе научници и академици ќе имаме подобра перспективна ќе има Северна Македонија, рече Меџити.
Прашан зошто оваа академија не биде дел од МАНУ, Меџити изјави дека можеби и тоа ќе биде решение. – Но, и МАНУ треба да ги отвори вратите. Ќе прашам зошто во МАНУ нема вработено ниту еден Албанец.
Дали втората заедница нема луѓе за МАНУ, не сакаат да се занимаваат. Ова е предизвик, го отвораме ова прашање и заедно треба да најдеме решение. Се додека граѓаните на оваа земја, без разлика на која етничка припадност припаѓаат, бараат школување, бараат да бидат вклучени во акдемскиот дел, во научните истражувања, треба да бидеме среќни и оти тоа е придонес, инвестиција за иднината на оваа држава, изјави Меџити.
На најавите на „Вреди“ реагираа нејзините коалициските партнери во Владата, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, како и опозициските СДСМ и ДУИ.
Од владејачката ВМРО – ДПМНЕ велат дека МАНУ е единствената институција која ја обединува македонската научна мисла и во нејзиниот состав има научници од различни етнички заедници.
-Како критериум за членството во Академија на науките не може да биде етничка или политичка припадност, туку научните достигнувања и придонесот во општеството. Науката не е нешто кое треба и може да се политизира и етнизира, се наведува во вчерашното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ.
Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, пак истакна дека науката не смее да се политизира, ниту пак да се етницира, дека таа има своја генеза и континуитет.
-Ваквите обиди и идеи се резултат на постизборен популизам. Во Македонија постои МАНУ како една и единствена Академија која им припаѓа на сите и никаков паралелизам не е дозволен. Партнерите во власта од ВЛЕН е потребно да се свртат кон економски раст и развој на државата, подобар живот на сите граѓани на Македонија и суштинска заложба во сузбивање на криминалот и корупцијата вклучувајќи ја и политичката корупција. За тоа е потребна и понуда на кадри со чисто минато без криминал и „опашки“, нагласи Димитриевски.
Опозициската СДСМ денеска со реакција против отварање на Албанска академија на науките и уметностите и исто така на ставот дека МАНУ треба да остане единствена институција во која членуваат реномирани научници од сите етнички заедници.
-МАНУ исто така треба да биде институција која не смее да се партизира или да се злоупотребува од страна на поединци за дневно политички потреби. Ова е нешто што се случуваше во минатотo. Но, она што треба јавноста да го знае е што Мицкоски ветил пред формирањето на Владата во однос на ова барање на ВЛЕН? Ова не е прв пат ВЛЕН и нејзините лидери да ја споменуваат aлбанската академија како проект, но Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ упорно си молчеа. Кои други барања кои се неприфатливи за мнозинството граѓани Мицкоски ги има одмолчано или ги има тајно прифатено? Најголемите патриоти Мицкоски и Димитриевски заради комотна позиција во власта изгледа се правеле глуви на овие барања на ВЛЕН, а сега се обидуваат да поентираат со некакво неприфаќање. Прашање е само што ќе биде цената за тоа и дали под маса има испорачано друго барање доколу академијата не помине, стои во реакцијата на СДСМ.
Од ДУИ, пак велат дека тоа е квази општинска „академија“ која ги срами интелектуалците и нацијата.
– Во обид да покаже некакви резултати и да го запре слободниот пад кој ја понижува нацијата, „Влен“ ја „основа“ „Академијата“ на науките и уметностите која ќе ја финансираат, замислете, општините, единствен случај во светот, академиско маало, се наведува во соопштението од ДУИ.
Академик Владо Камбовски вчера изјава за Канал 5 телевизија изјави дека е невозможна идејата за две национални академии, нешто што е непознато за ниту една држава.
-Во секоја држава постои само една национална академија на науките и уметностите, јас не знам држава во која постојат две национални академии на науките и уметностите. Има медицински академии, ликовни академии и други кои немаат карактер на национални академии, така да не знам што е идејата воопшто. Ако идејата е да се прават две национални академии на науките и уметностите таа е неспроведлива идеја и невозможна, изјави Камбовски.