Универзитетската клиника за детски болести, му поднела тужба на поранешниот економски директор Аљајдин Мемеди со барање да врати 147,534 денари во касата на јавната здравствена установа затоа што овие пари му биле преплатени, потврдија од Клиниката за „Слободен печат“.
Болницата ги бара овие пари на суд, бидејќи Државниот завод за ревизија утврдил дека овие средства од 2.300 евра наводно му биле исплатени на поранешниот економски директор со погрешно пресметан коефициент, а бидејќи не ги вратил веднаш, му се таложеле и камати.
Постапката пред Основен граѓански суд Скопје е оформена и рочиштето по овој предмет е закажано за ноември 2024 година, велат од Клиниката.
Мемеди беше разрешен на 2 ноември 2022 година од страна на тогашниот министер за здравство Беким Сали.