Владата на вчерашната седница донесе повеќе одлуки и препораки.
Владата ја усвои информацијата на Министерството за локална самоуправа за конкретни активности за финансирање на капитални проекти во општините, за кои владата согласно својата програма има план да инвестира 250 милиони евра. За 2024 година на располагање на општините се 6 милијарди денари кои се обезбедени со новиот ребаланс. Досега Министерството за локална самоуправа преку партнерство со УНДП и Шведската амбасада подготви 56 проектни документации за капитални инвестиции и проекти, од кои 54 за општински проекти и 2 проекти за планските региони. 17 се од областа на комунална, транспортна и бизнис инфраструктура,15 од социјалната инфраструктура и 22 од водоводната инфраструктура и заштита на животната средина. Владата го задолжи министерството да формира Комисија за оценка на предложените проекти.
Владата го задолжи МОН за формирање на Национално координативно тело за реформи во високото образование, наука истражување и развој чија задача ќе биде анализа на високото образование, и работата на високо научните институции со цел да се воспоставува ред и законито работење.
Владата ја усвои информацијата за користење на IPA II и IPA III програмите. Беше прифатен оперативен план за подобрување на капацитетите на институциите и осигурување дека целосно се користат можностите што ги нудат европските фондови. Финансиската анализа за искористеноста на ИПА фондовите по години е крајно поразителна. Досегашната анализа укажува на неискористени десетици милиони евра за капитални инвестиции од ЕУ фондовите. Планот опфаќа поефикасна искористеност на средствата и нивно ставање во функција.
На предлог на МОН беше усвоена информација за потребата од донесување на решение за почеток со работа на студиските програми од трет циклус на студии по ,,Површинска експлоатација на Факултет за природно и технички науки, при Државен универзитет „Гоце Делчев“ во Штип, со Предлог – решение за почеток со работа на студиската програма од трет циклус на студии по ,,Површинска експлоатација на Факултет за природно и технички науки, при Државен универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.
На предлог на Министерството за култура и туризам беше разгледана информација за состојбите од штетите од невремето кои настанаа во објектот на Драмскиот театар Скопје. При тоа владата го задолжува Министерството за култура и туризам, согласно предвиденото во Програмата за работа на Владата 2024-2028 година, во Годишната програма за инвестиции во културата да планира ревидирање на реализација на проект за изградба на нов објект на местото на постоечкиот објект на НУ Драмски театар во Скопје.
Министерството за транспорт предложи измени на Законот за урбанистичко планирање со кој ќе се скрати и олесни процедурата за изградба на здравствени, образовни и научни објекти, како и катни гаражи кои ќе бидат во функција на решавање на сообраќајниот хаос. Со измените ќе се забрза процедурата и ќе се олесни начинот на градба.