Писмото со намери на унгарскиот оператор „4iG Групација“ кое вчера пристигна на адреса на македонскта Влада, се уште не пристигнало во Агенцијата за електронски комуникации, вели директорот Јетон Акику
Најголема корист од доаѓање на нов мобилен оператор во земјава би имале граѓаните, оти поголема конкуренција значи и пониски цени на услугите, вели за ТВ Сител, директорот на Агенцијата за електронски комуникации Јетон Акику. Според него, слободни фреквенции има, оти во земјава веќе во минатото работеле три компании.
„Со трет оператор би имале уште подобри услуги и во тој смисол е добро да има трет и треба да има и најверојатно тоа би значело намалување на цените. Тоа е економска теорија, повеќе конкуренција-помали цени. Имаме празни слотови во сите френкфенциски опсези за тре оператор, зошто имавме трет“,вели Акику за Сител.
Кога станува збор за писмото со намери на унгарскиот оператор за мобилни услуги „4iG Групација“ за кое министерот за транспорт, Александар Николоски вчера на владина седница ги информирал останатите членови во Владата дека пристигнало, директорот Акику вели дека засега тоа не пристигнало во Агенцијата и дополнува дека писмото со намери не значи дека токму оваа компанија ќе биде трет оператор за мобилни услуги во земјава, туку, ќе се распишел тендер на кој секоја компанија која има интерес и која ќе ги исполни условите ќе може да конкурира.
„Ако го добиеме писмото за интерес, ние законски ќе треба да одговориме, да им кажеме кои се условите и според закон се отвара тендер и може да се појават и други кои не појавиле интерес, но може да се заинтересираат за учество. Ако се појават повеќе заинтересирани има јавно наддавање, ако се јави еден се оди на цената одредена како почетна за добивање на дозволата“,рече Акику.
Во писмото со намери за кое Владата информираше дека пристигнало вчера се наведува дека „4iG Групацијата“ е вториот по големина телекомуникациски оператор во Унгарија и водечки ИТ-систем интегратор, со растечко инвестициско портфолио во секторот вселенска и одбранбена индустрија.
„Во 2022 година, ‘4iG Групацијата’ се проширува на телекомуникациските пазари на Западен Балкан, воспоставувајќи значајни позиции во Црна Гора и Албанија преку лансирање на сопствениот телекомуникациски бренд – ONE“,информираат од Владата.
Се наведува и дека „4iG Групацијата” изразила интерес за анализа на условите за влез на телекомуникацискиот пазар во Македонија и нудење услуги во мобилната и фиксната телефонија. Ваквата иницијатива се додава, е усогласена со стратегијата на „4iG Групацијата” за проширување на своето присуство во земјите од Западен Балкан.
За интересот на унгарскиот оператор за влез на телекомуникацискиот пазар во земјава веќе информираа од Министерството за транспорт по минатонеделната официјална посета на Николоски на Будимпешта, во рамките на која се сретна со претседателот на „4iG Групацијата”, Гелерт Жасзаи.