Украински извори тврдат за Гардијан дека илјадници војници се ангажирани во упад во руската провинција Курск.
Украински безбедносен претставник изјави за агенцијата Франс прес дека целта на упадот е да се дестабилизира Русија и да се потиснат руските сили со лесни и брзи напади. Останува нејасно колку операцијата ќе биде одржлива бидејќи Кремљ се заканува да ја задуши со испраќање засилувања.
Русија тврди дека неколку стотици украински војници го извршиле ненадејниот напад во вторникот, но украински официјален претставник рече дека бројот е многу поголем. На прашањето дали се вклучени повеќе од 1.000 украински војници, функционерот рече: „Многу повеќе…илјадници и илјадници“.
„Ние сме во офанзива. Целта е да се развлечат позициите на непријателот, да се нанесат максимални загуби и да се дестабилизира ситуацијата во Русија“, рече претставникот.
Вчера Русија призна дека Украинците навлегле 30 километри во областа Курск. Украинскиот претседател Володимир Зеленски во саботата за прв пат потврди дека започнале офанзива, велејќи дека Киев „ја турка војната на територијата на агресорот“.