Кумановските пожарникари вечра извадиле човек кој паднал во бунар, во кумановската населба Карпош, информираа денеска од Регионалниот центар за управување со кризи Куманово како и од Територијалната противпожарна единица Куманово.
– Добивме повик од 112 дека човекот пропаднал во длабок бунар од околу 15 метри. Се упативме и со помош на јажиња, појаси, успешно го извлековме човекот и го предадовме на екипа на Итна помош Куманово за натамошно лекување, изјави Сашо Илиевски, командир на смена кој заедно со уште двајца колеги учествувале во интервенцијата.
Интервенцијата завршила во 13:50 часот и како што е наведено во дневниот билтен на РЦУК, човекот е во добра здравствена состојба.
Во текот на вчерашниот ден, кумановските пожарникари интервенирале шест пати на опожарена сува трева и вегетација во липковските села Матејче и Отља, во кумановските Речица, Табановце, на „Никуљски пат“ и во село Никуљане.
Пожарникарите од Старо Нагоричане пак гаселе пожар во Челопек на запалено стрниште, сува трева, грмушки и гранки на површина од околу три декари.