Министерот Николоски тврди дека „Македонски телеком“ и „А1 Македонија“ го напаѓаат владиниот план за влез на унгарски „4iG“

Фактичката ситуација дека унгарската групација „Фор-ај-џи“ (4iG), која е заинтересирана да стане трет мобилен оператор во земјава, има стратешко партнерство со кинески „Хуавеј“, според вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, се спинови за да се нападне овој проект на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ.

Изворот на ваквите, како што Николоски ги квалификува – напади, се двата актуелни телекомуникациски оператора во земјава „Македонски телеком“ и „А1 Македонија“, кои, како што изјави министерот во синоќешното гостување во „Дневникот“ на ТВ Сител, тоа го прават за да го заштитат актуелниот дуопол што го имаат на пазарот.

Според него, двата оператора тоа не го прават директно, туку преку спинови кои ги пуштаат во јавноста преку свои прокси-играчи.

„Ако е ова проблемот, очекувано е тие два оператора да направат се да го нападнат овој наш проект. И тие не излегуваат јавно, туку пуштаат спинови во јавноста и така натака“,рече Николоски.

Инаку, за прашањето за евентуален влез на унгарски „4iG“ во Северна Македонија како трет мобилен оператор, во услови кога има има стратешко партнерство со кинескиот производител „Хуавеј“, во изминатите неколку дена известуваше „360 степени“. Во објавите потсетивме дека земјава во 2021 година го смени законодавството за да оневозможи влез и користење на опрема од небезбедни производители, меѓу кои се вбројува и „Хуавеј“ што, пак, се случи откако кон крајот на 2020 година, владата на Зоран Заев и владата на САД, во мандатот на претседателот Доналд Трамп, потпишаа меморандум кој предвидува пристап на чисти и доверливи производители на 5Г-мрежи.

Како унгарскиот мобилен оператор „4iG“ ќе влезе во земјава кога има стратешко партнерство со кинески „Хуавеј“?

Вицепремиерот Николоски вчера изјави дека ако владата реши да оди со трет мобилен оператор, основен услов за да влезе на пазарот, е да доаѓа од земја членка на Европската Унија или на НАТО и исклучиво да користи чиста технологија.

„Две работи сакам да кажам. Прво, дали ќе одиме со трет мобилен оператор или ќе најдеме друг начин да се намали цената на услугите е прашање коешто треба да го одлучиме како влада, но исто така знам дека основен услов, доколку одиме со трет оператор, ќе биде операторот да е од земја членка на Европската Унија или НАТО и да користи исклучиво технологија којашто е т.н. чиста затоа што има закон во Македонија и одобрена од НАТО, со строга забрана за користење на руска, кинеска, индиска или која било друга технологија којашто не е одобрена од Алијансата“,вели министерот за транспорт.

Во однос на групацијата „4iG“, Николоски рече дека тие што ја напаѓаат треба да проверат кој е еден од нејзините сопственици.

Повеќе

Треба да знаете
Последни објави