Електронско водење на целокупната медицинска документација, запазување на начинот на упатување на пациентите во здравствениот систем и инклузивен процес за проширувањето на Позитивната листа на лекови се приоритетните реформи што Лекарската комора ги истакна на првата средба со новиот министер за здравство д-р Арбен Таравари, што се одржа денес во просториите на Комората.
„Сметаме дека е исклучително важно да се направи поедноставување на процедурите за водењето на медицинската документација на сите нивоа. Тоа лесно може да се примени со системот на електронско здравство што веќе го имаме. Во таа насока истакнуваме барање за укинување на хартиениот картон, односно матичните лекари да водат само електронски картон, како и укинување на праксата да се печатат упатите, специјалистичките мислења и другите документи што ги креираме во „Мој термин” при прегледот на пациентот. Сега се случува без реална потреба да печатиме и по пет документи за еден пациент, што веќе ги има во „Мој термин”. Со оваа реформа лекарите ќе се ослободат од непотребната административна работа и повеќе време ќе посветат на пациентите кои се нивниот најважен фокус”, истакна проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседателка на Лекарска комора.
На средбата претставници на органите и телата на Комората појаснија и дека сериозно мора да се пристапи кон примена и запазување на патеките за движење на пациентите низ здравствениот систем. Во таа насока e неопходно дијагностичките процедури и постапките за лекување што може да се направат на примарно или на секундарно ниво, да се завршуваат таму и пациентите да не се препраќаат на терцијарно ниво. Доколку се воспостави таков механизам во пракса ќе се избегне ситуација како сега, кога докторите на клиниките се преоптоварени со пациенти, а тие во локалните болници немаат доволно работа, што може негативно да се одрази на квалитетот на работа и на едните и на другите.
Во однос на Позитивната листа на лекови беше истакнат став дека во процесот на нејзино проширување повеќе треба да бидат вклучени лекарите преку стручните здруженија бидејќи тие се најстручни за да кажат кои лекови се најпотребни за лекување на пациентите. Исто така, важно е овој процес да биде инклузивен и за пациентите, преку нивните здруженија за и тие да се информирани навреме за одлуките што се носат и да имаат можност да ги претстават своите видувања.
На средбата исто така се дискутираше и за други теми од секојдневната докторска пракса, меѓу кои и вработувањето на специјализантите и задржување на младите доктори во земјава, што е многу важно за надоместување на кадарот кој си заминува од јавното здравство. Претставниците на Комората истакнаа дека специјализациите треба да се доделуваат согласно систематизациите на здравствени установи и реалните потреби што постојат, бидејќи така се штити здравствениот систем и се гарантира достапност на здравствените услуги. Треба да се обезбеди и рамномерно распределување на расположливиот кадар на територијата на целата држава, а целиот процес треба да се гледа низ призмата на општествениот интерес. Беше истакната и потребата за поедноставување на процедурите за вработување на лекари, за поставување на телемедицината на стабилен основ како и за неопходноста од воведување на електронски интергиран здравствен систем.
Лекарската комора, како и другите медицински комори, Фармацевтската и Стоматолошката, чии претставници исто така присуствуваа на средбата како професионални организации во кои членуваат докторите на медицина, стоматолози и фармацевти, истакнаа заеднички став дека како и досега остануваат посветени на соработката со Министерството за здравство како креатор на здравствените политики. Коморите се подготвени, во процесите на реформи посветено да партиципираат и со своето стручно познавање и искуство да придонесат кон креирање на одржливи решенија што ќе придонесат за унапредување на здравствениот систем во интерес на здравствените работници и пациентите. На предлог на министерот Таравари се договори и редовна динамика на средби, како и активно вклучување на коморите во телата што ќе ги водат реформските процеси.