Од Министерството за внатрешни работи информираат за два речиси идентични случаи на измама, во кои две жени од Скопје биле оштетени за вкупно 14.000 евра.
Првиот случај се случил на 14 август 2024 година, кога 86-годишна скопјанка пријавила дека била измамена за сума од 10.000 евра. Според нејзиниот исказ, лицето кое ја контактирало телефонски се претставило како полициски службеник и ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа со смртни последици и дека е потребно да плати за да ја ослободат од полиција во Црна Гора. Жената ги подигнала парите од банка и ги оставила на местото каде што ѝ било кажано.
Вториот случај, кој бил пријавен истиот ден, се однесува на 87-годишна жена од Скопје, која била измамена за сума од околу 280.000 денари. Лицето кое ја контактирало телефонски ѝ кажало дека нејзината ќерка предизвикала сообраќајна несреќа и дека е потребно да плати за нејзиното ослободување. Жената ги подигнала парите од банка и му ги фрлила на измамникот од терасата.
Од МВР соопштуваат дека се преземаат мерки за расчистување на случаите и апелираат до граѓаните да бидат внимателни и да не наседнуваат на вакви измами.