Интервентната полиција уапси две лица поради напад на 22-годишниот З.Н. и притоа едниот од нив му нанел убодни рани.
„Вчера во 22.10 часот, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода А.Ш.(22) од с.Петровец и Б.В.(21) од с.Зелениково. Тие се сомничат дека околу 20.20 часот во населено место Дрма, скопско, физички го нападнале З.Н.(22) од с.Мралино, општина Илинден, по што Б.В. со остар предмет му нанел убодни рани. З.Н. бил пренесен во Градската општа болница Св.„Наум Охридски“, а лицата биле задржани во полициска станица. По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава“, посочуваат од МВР.
Рано изутринава пак, во 1.45 часот во СВР – Скопје, од Комплекс клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека со повреди и за укажување помош кај нив дошол 22-годишниот Ф.Р. од Куманово.
– Според пријавеното, околу еден часот во парк на подрачјето на Карпош, тој бил физички нападнат од неколку лица, при што се здобил со повредите, се појаснува во соопштението.
Се преземаат мерки за расчистување на случаите.