Демократијата подразбира стабилни институции и ќе сториме се да ги заштитиме институциите, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски, прашан дали се уште стои на ставот што го изнесе претходно дека има лица, кои работат на дестабилизација на државата.
– За дестабилизацијата информациите се такви какви што се. Сите што од голтари станаа милионери и владееја со Македонија изминатите седум години, сите оние кои што дивееја по улиците и тука во главниот град град и ширум целата држава имаат интерес да ја дестабилизираат затоа што тие се највешти и најсилни кога има нестабилност. Но, ние како држава и како Влада ќе се бориме за стабилна држава и стабилни институции, затоа што демократијата подразбира стабилни институции и ние се ќе сториме да ги заштитиме институциите, рече Мицкоски по посетата на ЈП за државни патишта.
Премиерот дополни дека законот мора да важи секаде и за секого. Тука, потенцираше, работиме заедно со нашите партнери и јас сум благодарен за тоа.
-Секој кој работи во насока на силни и стабилни институции за мене е родољуб човек кој си ја сака државата за мене е човек кој го охрабрувам и секогаш ќе го поддржувам, рече Мицкоски.
Тој претходно изјави дека имаат индиции за лица, кои располагаат со милионски суми, а дел од нив биле високи функционери во поранешни влади, кои се обидуваат да мобилизираат луѓе на терен со цел да се дестабилизира меѓуетничката хармонија во земјава.