Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, ја посети специјализираната болница за нефрологија во Струга во која во тек е реконструкција на објектот, а се подобруваат и условите за здравствен третман на пациентите во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој – фаза 2″, преку Програмата „Инвестициски проект со дигитална компонента од Грантовата Шема”.
Досега, како дел од проектот кој се реализира со средства обезбедени од Министерството, Швајцарската агенција за развој и соработка и од болницата, набавен е систем за централно снабдување со кислород наменет за три сали за хемодијализа и интензивна нега, набавен, инсталиран и ставен е во функција систем за реверзибилна осмоза, а поставени се и соларни панели на кровот на објектот.
„Проектот е во завршна фаза, предвидено е до крајот на годинава целосно да биде имплементиран со што значително ќе бидат подобрени условите за лицата кои имаат потреба од хемодијализа. Несомнено е дека современи објекти и медицинска опрема се суштински за соодветен третман на пациентите и за ефикасно и непречено функционирање на секоја здравствена установа,” истакна министерот Перински по денешната обиколка на ЈЗУ Нефрологија – Струга, заедно со директорот на болницата, Јетмир Зиба.
Директорот посочи дека како резултат на проектот, установата ќе ги намали трошоците за електрична енергија и комплетно ќе биде реновиран делот за „холидеј дијализа”.
„Во последниот квартал од годинава, останува да набавиме нови 17 кревети, 3 телевизори и болнички сет наменети за ‘холидеј дијализата’, по што на тој оддел дневно ќе можат да се лекуваат по 60 пациенти,” информираше Зиба.
Објектот на болницата е изграден во 1984, а изминативе четири децении немало поголеми градежни зафати, освен реконструкција на покривот.
Вредноста на целиот проект изнесува 26.043.286 денари. Министерството обезбеди 11.324.000 денари, Швајцарската агенција за развој и соработка учествува со 9.200.000 денари, а финансики удел има и болницата со 5.519.286 денари.