Момчето кое управуваше со вртелешката во забавниот парк во Пефкохори, каде минатата недела загина млад човек (19), тврди дека по несреќата газдата му наредил да побегне, велејќи дека посетителите ќе го линчуваат.
Кобната несреќа се случи на 19 август кога Јани дошол со мајка си и браќата во луна паркот да се забавува. Кога тој и неговиот брат биле на вртелешката, седиштето се скршило, Јани излетал, паднал на бетонот и останал мртов на место.
Во драмата што следела, момчето кое управувало со рингишпилот побегнало од местото на несреќата, а на полицијата и се предал дури следниот ден, откако слушнал дека го уапсиле неговиот газда, сопственик на забавниот парк. .
„Во шок сум. Многу ми е тешко. Сочувство до семејството на загинатиот. Се исплашив, бидејќи прв пат гледам такво нешто во животот. Жалам за тоа… Тоа детето неправедно умре, но повторно не сум јас виновен, им изразувам сочувство на родителите“, рече младиот човек кој управуваше со рингишпилот.
Тој тврди дека во моментот на трагедијата не бил под дејство на алкохол.
„Тој рингишпил имаше неколку сини и жолти столчиња, но само розевите беа добри, а тој човек седеше на сината столица. Шефот ми рече да ги префрлам луѓето само на розовите столчиња. Така што ги преместив.”
Вели дека после тоа се било хистерично.
„Бев во шок. Исплашен. Ми рекоа да одам, дека посетителите ќе ме линчуваат. Тоа ми го кажа лице кое со години работи во забавниот парк, кое е партнер на сопственикот. Отидов да се напијам малку вода, да се смирам. Кога се вратив ми рекоа да си одам дома да не ме види никој. Отидов дома, ми рекоа да си ги спакувам работите, дека ќе ме однесат во Кукуш каде ќе се кријам два дена“, тврди операторот.
Посочува и дека не знаел во каква состојба се машините во забавниот парк.
„Да знаев, немаше да ги оставам да седнат на вртелешката, ништо не знаев“, рекол младиот човек.
Јани загина на 19 август во вечерните часови во забавен парк во Пефкохори. Со него на вртелешката бил и помалиот брат (16), додека другиот брат и мајка му ги гледале како се возат.