Се е со мито, некои со пликови преку ноќ фрлаат пари за нашите лекарства – Сведоштво на пациент низ скопските клиники

Кој тргнал по патиштата низ македонскиот здравствен систем знае дека треба да се вооружа со силни нерви и голема истрајност, бидејќи ниту лесно, ниту брзо може да се дојде до преглед, снимање, резултат или терапија.

Пациентите се жалат дека за термин за снимање на скопските клиники се чека по два до три месеци, но уште толку чекаат и за да ги земат резултатите од тие снимања. Така доколку се работи за сериозна болест пациентите би го загубиле животот чекајки ги резултатите кои се клучни за дијагностицирање и следење на болестите како што е ракот.

Пациент од Делчево кој 3 години се лечи на Клиниката за Онкологија пред камерата на 24Инфо се пожали дека на клиниката таму персонал нема, лекови нема, средства нема. Платите на вработените се ниски и тие не се задоволни, па кога тие не се задоволни таква ќе биде и услугата, вели тој.

“Се е со мито. Некои со пликови преку ноќ фрлаат пари за нашите лекарства, знаете што се случи пред две три години тука на Онкологија. Лекарствата ги продаваа во Косово, ние тука не знам што сме примале”, додава пациентот.

Вели тој лично не бил вратен од некоја од клиниките, но знае пациенти кои биле вратени.

Се пожали на работата на Клиниката за Радиологија, велејќи дека за една снимка од Делчево доаѓа до Скопје три пати и не ја добива истата.

Сподели ситуација кога на друг пациент снимката му била дадена веднаш, а нему му бил даден само телефонски број на кој никој не се јавува. Вели снимката ја добил откако станал агресивен према вработените кои пред негови очи не сакале да се јават на телефонскиот број кој му го дале, со оправдување дека се јавуваат пациенти од цела Македонија и не можат да се јават на сите, а всушност не услужуваат ниту еден пациент. Како што вели потоа резултатите ги добил за 6 минути.

Се поставува прашањето, до кога пациентите ќе бидат третирани на овој начин и до кога ќе умираат чекајќи резултати или термин за специјалист? Дали човечкиот живот во државава вреди толку малку и дали човек може да преживее само доколку има пари?

Н.Ј.

Треба да знаете
Последни објави