По нагорна линија во јули се придвижиле каматните стапки одредени од банките за депозитите на граѓаните и компаниите, со што просечната стапка изнесува 1,93 проценти. Месечниот раст е за 0,05, а годишниот 0,43 процентни поени.
Просечната каматна стапка на новопримените депозити е 2,76 проценти. Зголемувањето е за месечни 0,24 и годишни 0,55 процентни поени.
За одобрените кредити се пресметува просечна каматна стапка од 5,46 проценти. До ова ниво е дојдено по јулскиот пад од 0,01 процентен поен. Годишното намалување е 0,03 процентни поени. Истиот месец каматите за новоодобрените кредити бележат раст од 0,04 п.п., кој на годишна основа се мери со 0,45 п.п. Просечната стапка е 5,12 проценти.
Што се однесува до кредитите, тие се потреба и за населението и за фирмите, па без оглед на цената што ја плаќаат за нивното користење, не се намалува интересот за позајмување пари. За потсетување, во јули годинава вкупната задолженост кај банките изнесува 7,55 милијарди евра, од кои 3,89 милијарди евра е долг на домаќинствата.
Податоците на Народната банка покажуваат дека каматната стапка што се применувала во јули за вкупните кредити на домаќинствата е 5,67%. Овде има месечна промена за 0,01 п.п, која произлегува од растот на стапките на денарските кредити без валутна клаузула. На годишно ниво има зголемување од 0,06 п.п.
Пораснала и стапката на новоодобрените кредити за 0,05 п.п. месечно и 0,02 п.п. годишно. Во седмиот месец е позиционирана на 5,34%. Месечното поместување се случило поради зголемените стапки на денарските кредити без валутна клаузула, како и на кредитите во странска валута.
За вкупните депозити на граѓаните во јули била важечка стапката од 1,89%, при што месечното зголемување е за 0,05 п.п., кое се базира на повисоките камати на депозитите – денарски без валутна клаузула, но и на девизните. Во споредба со јули минатата година, оваа стапка е повисока за 0,45 п.п.
Новопримените депозити во јули имале камата од 2,68%, со месечен раст од 0,13 п.п.. Нагорната промена е резултат на повисоките стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на депозитите во странска валута. Годишното зголемување е за 0,28 процентни поени.
По месечниот пад од 0,03 п.п., просечната каматна стапка на вкупните кредити одобрени на корпоративниот сектор изнесува 5,23%. Тоа е засновано на пониските каматни стапки на девизните и на денарските кредити со валутна клаузула. Јулската камата на новоодобрените кредити е 4,96%. Има месечен раст од 0,01 п.п поради зголемените стапки на денарските кредити со и без валутна клаузула. На годишно ниво е забележано намалување од 0,79 п.п.
Просечната каматна стапка на депозитите во јули е повисока за 0,03 п.п. и изнесува 2,28%, а доаѓа од растот на каматите на денарските депозити без валутна клаузула. Притоа, годишното движење изнесува 0,26 п.п. Во седмиот месец од годинава стапката на новопримените депозити е зголемена за 0,64 п.п., па достигнува 3,03%. Растот е резултат на зголемените каматни стапки на денарските депозити без валутна клаузула и на депозитите во странска валута. Годишното поместување кај каматната стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор е за 1,46 процентни поени.