Министерката за образование и наука Весна Јаневска вели дека прв пат по седум години, учебната година започнува со навремено испорачани учебници во сите основни училишта во државата. Според неа, обезбедени се 10-тина нови наслови во основното и над 100 во средното образование кои досега не биле отпечатени.
Но, сепак и оваа учебна година, ќе нема учебници за сите предмети.
МОН веќе до училиштата испорачало 360 илјади примероци од сите одобрени и испечатени учебници и наставни материјали. Единствено, според Јаневска, во основното образование ќе недостигаат петта година по ред учебници за странски јазици од прво до деветто одделение поради тоа што претходното раководство во МОН ја поништило постапката за јавна набавка и таа одлука е во жалбена фаза која се уште трае.
– Потврдувам дека утре учебници ќе има секаде. Ова беше мое прво ветување веднаш по стапувањето на функцијата и денеска можам да кажам дека успешно го реализираме. На виделина излегува неспособноста или недостигот на желба за работа кај неколку претходни министри. Конечно по повеќе учебни години, ученичките генерации навремено ќе имаат основни наставни помагала за совладување на материјата. Сите учебници кои се одобрени и испечатени, веќе се испорачани. Досега во овие 60 дена, испорачавме над 360 илјади примероци од сите одобрени и испечатени учебници и наставни материјали во вредност од над 80 милиони денари. Учебниците се веќе дистрибуирани по училиштата. Доколку и се случи некој ученик или родител да се пожали на стар дотраен учебник ве информирам дека набавката на учебници ќе продолжи според потребите на училиштата. Евидентна е разликата која ја постигнавме за само два месеца, во споредба со минатите 7 години, рече Јаневска на денешната прес-конференција.