Стопанската комора на Македонија испрати барање до премиерот Христијан Мицкоски за измени во Законот за нефер трговски практики, пренесува ТВ Телма. Претседателот на Комората, Бранко Азески, во писмо побара да се избрише одредбата од законот со која се ограничува рабатот што добавувачот го одобрува на купувачот, како и да се прецизираат условите за враќање на непродадените производи.
Дополнително, Стопанската комора бара зголемување на рокот во кој купувачите треба да го известат добавувачот за намалување на нарачките, за да има повеќе простор за прилагодување на новите регулативи. Азески посочи дека во Европската Унија ваквите промени се воведуваат со подолг преоден период, додека во Македонија рокот за усогласување е само шест месеци, со краен рок до септември 2024 година.
„Праксата во ЕУ укажува на подолг период за усогласување со вакви закони. Во Македонија преодниот период е многу пократок, што предизвикува притисок врз добавувачите и купувачите да ги усогласат договорите во краток рок“, се вели во писмото.
Законот за забрана на нефер трговски практики беше донесен во март и се очекуваше да доведе до намалување на цените на прехранбените производи. Меѓутоа, од Стопанската комора бараат повеќе флексибилност во примената на законот, со цел да се избегнат компликации во трговските односи и да се постигне поголема правна сигурност за засегнатите страни.