Во Македонија е регистриран втор случај на мали сипаници за оваа година. Станува збор за 12-годишен жител на село Долно Коњаре, Петровец. Првичните симптоми кај детето започнале на 30 август, со ситно црвен исип на лицето, градите и грбот, покачена температура, секрет од носот, конјуктивитис, кашлица и повраќање, информираа попладнево од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
На 2 септември детето било прегледано од матичен лекар и поради сомнение за мали сипаници, е упатено на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, од каде е препратено на дополнителни анализи во Одделението за вирусологија при ИЈЗ. Со серолошко и молекуларно (PCR) испитување е потврдено заболувањето. Детето се наоѓа на домашно лекување по одбивањето на хоспитализација.
Детето било невакцинирано со МРП-вакцина. Семејството, кое брои седум членови, вклучува двајца родители и пет деца. Од нив, три деца биле вакцинирани со две дози МРП-вакцина, додека две деца не биле вакцинирани. Родителите биле уредно вакцинирани согласно возраста.
Семејството престојувало во Нови Пазар, Република Србија од 10 до 24 август. За време на нивниот престој, дете на шестгодишна возраст било дијагностицирано со мали сипаници. По враќањето од Србија, детето немало контакт со останатите членови на семејството и не посетувало училиште.
До сега, во текот на годината пријавени се два лабораториски случаи на мали сипаници во државава. Првиот случај, регистриран во јуни, беше во струшко село. Минатата година беше пријавен еден случај на мали сипаници. Од 2014 до 2023 година, регистрирани се вкупно 2.020 заболени од ова заболување, а последната епидемија беше регистрирана во 2018 година со вкупно 1.901 заболени.
Вакцинацијата против мали сипаници се спроведува континуирано и задолжително со две дози на МРП-вакцина. Првата доза треба да се даде на првата година од животот на детето, а ревакцинацијата на шестгодишна возраст. Опфатот со првата доза лани на национално ниво бил 73,4 проценти, а во Скопје 83,7 отсто. Опфатот со ревакцинацијата лани на национално ниво бил 87,7 проценти, а во Скопје 85,9 отсто.
Од Институтот за јавно здравје нагласуваат дека имајќи го предвид неоптималниот опфат со вакцинација и сезонскиот врв на вирусот во следните месеци, пријавувањето на нови случаи не е неочекуван настан.