Бугарскиот претседател Румен Радев утрово, пред неофицијалната посета на претседателката Гордана Силјановска-Давкова на Софија, потврди дека ќе има официјални разговори, но испрати јасна порака до Владата на Република Северна Македонија. Според Радев, македонската влада сè уште не ја напуштила предизборната реторика и повика на враќање кон реализмот во односите меѓу двете земји.
„Точно е дека музиката и културата се сфери кои не зближуваат. Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Република Северна Македонија и очекува овој дијалог не само да помогне во нашето културно зближување и да даде поттик на економската соработка, туку и да отвори дијалог за конечно решавање на отворените прашања меѓу нас,“ изјави Радев.
Тој истакна дека, покрај постоечките договори, вклучувањето на Северна Македонија во изградбата на Коридорот 8 ќе биде важен показател за европските амбиции на земјата и поголемата регионална поврзаност.
„Очекувам искажаната желба за дијалог и разбирање од страна на претседателката Силјановска-Давкова да стане конзистентна политика и на Владата на РСМ,“ додаде Радев, повторувајќи дека македонската влада треба да се фокусира на исполнување на своите обврски кон Бугарија и Европската унија.
Радев исто така потврди дека очекува да биде поканет во официјална посета на Северна Македонија, со што ќе се продолжи протоколот на взаемни посети меѓу двете држави.