Под влијание на веќе споменатата циклонска активност со центар на Југоисточна Европа, која секако влијае на времето и во нашата Македонија, денес во попладневните часови, преку ноќта кон утрешниот ден (петок), како и утре преку ден кај нас ќе има нови повремени врнежи од дожд на повеќе места, и тие ќе бидат со променлив интензитет.
Локално пак ќе се развиваат конвективни грмотевични облаци од кои се очекуваат поројни врнежи од дожд, грмежи и засилување на ветерот во зоната на нестабилност. Не се исклучува можноста, локално процесите да бидат поинтензивни и во форма на невреме, проследено со обилен пороен дожд за кратко време, силен ветер, електрични празнења и со услови за појава на град.
И во Скопскиот регион денес попладне и навечер, како и утре (петок) ќе има појава на повремен локален дожд. Во делови од регионот врнежите ќе бидат поројни и со услови за појава на грмежи, како и со засилување на ветерот во зоната на нестабилност.
Апелираме, во случај на појава на невреме и на електрични празнења, да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Што се однесува до температурите, тие ќе се искачуваат во интервалот од 17 до 24 степени, во Скопје максималната температура ќе се искачи до околу 24 степени.
На следниот линк можете да ја следите алатката за рано предупредување од невреме “НОТАС”, и истата е од голема корист за секој граѓанин https://nothas.finki.ukim.mk/