Протест во Струга против отворањето на казина и обложувалници во близина на училишта


Група граѓани од Струга денеска излегоа на протест против отворањето на нови коцкарници и обложувалници во градот. Тие се противат на најавите за изградба на ново казино во непосредна близина на училиште, изразувајќи загриженост за влијанието на ваквите објекти врз локалната заедница.

„Ние сме за тоа да нема казина во Македонија, како што е случајот во Грција. Не треба да бидат во станбени места или до училишта. Најмалку што можат е да ги дислоцираат,“ изјави еден од жителите на Струга.

Протестирачите истакнаа дека ваквите објекти треба да бидат поставени подалеку од урбаните подрачја, особено кога се во близина на институции како градинки и училишта. „На само 200 метри одовде имаме градинка. Првото што треба да направи државата е да го реши овој проблем преку законски мерки,“ рече друг присутен граѓанин.

На протестот учествуваа и претставници на Муфтиството на Исламската верска заедница (ИВЗ) во Струга, кои остро се спротивставија на постоењето на казина во градот. „Гледаме како ситуацијата секој ден се влошува. Не страдаат само оние што играат, туку и сите кои го поддржуваат овој порок. Ние не бараме казината да се преместат подалеку од градинките – ние бараме да се тргнат целосно од нашето општество,“ порача Ади Муртиши, муфтија од Струга.

Во Струга моментално функционираат педесетина казина и спортски обложувалници. Жителите велат дека веќе поднеле барања до општината и релевантните министерства за стопирање на новите проекти и регулирање на постојните објекти.

Треба да знаете
Последни објави