Николоски: Македонија не треба да биде злоупотребувана за внатрешни проблеми во Бугарија


Потпретседателот на Владата, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, гостуваше во централниот Дневник на телевизија Сител каде што дискутираше за актуелната политичка ситуација во Бугарија. Николоски го посочи фактот дека во последните три години, Бугарија се соочува со седми неуспешни парламентарни избори, а политичките актери во земјата, за да ги покријат сопствените неуспеси, ја вовлекуваат Македонија во своите внатрешни проблеми.

„Во Бугарија имаат со кого да разговараат, ама тоа не се овие дваесет луѓе кои што предизвикуваат проблеми за Македонија – десет политичари кои што тонат и десет историчари кои што не можат да се пронајдат сами себе,“ истакна Николоски. Според него, Бугарија ќе доживее промени во својата политичка сцена, бидејќи седум последователни неуспешни избори многу кажуваат за состојбата во земјата.

Тој, исто така, се осврна на изјавите на врвни интелектуалци од Бугарија, истакнувајќи дека актуелниот бугарски премиер е личност чие име народот не го знае. „Тој што сака, ако може, и овие избори да не успеат само за да остане уште малку на власт. Тоа е негов проблем, но нека не ја злоупотребува Македонија за свои цели,“ додаде Николоски.

Министерот предупреди дека е недозволиво Македонија да биде вовлечена во внатрешни политички прашања на друга држава и обвини дека блокадата на патот на Македонија кон Европската Унија е последица на овие политички игри. „Ние многу јасно знаеме кој сме и што сме. Ние сме Македонци, зборуваме македонски јазик, имаме своја култура и историја. Оваа амбиција на некои во Бугарија да ни кажуваат кој сме, каков јазик зборуваме, па сега и политичари да ни бираат, ги преминува сите граници на пристојност,“ изјави Николоски.

Неговите коментари се важен дел од тековната дебата за македонско-бугарските односи, особено во контекст на европската интеграција и внатрешните политички турбуленции во двете земји.

Треба да знаете
Последни објави