Државниот секретар на Министерството за здравство Александар Секулиќ е казнет со 800 евра во Судот за прекршоци. Тој признал се и изразил каење што во текот на денот пијан го возел службеното возило и направил сообраќајка, пишуваат регионалните медиуми.
Секулиќ соопшти и дека одлучил да се повлече од сите функции.
„Денеска, за жал, доживеав сообраќајна несреќа во која јас бев виновен. Во овој инцидент за среќа нема повредени, но причинета е помала материјална штета. Она што особено ме погодува е фактот што во тој момент бев под дејство на алкохол, што е сосема неприфатливо, особено за некој кој врши јавни функции и има обврска да служи како пример за одговорно однесување“, изјави Секулиќ на социјалните мрежи.
Тој според написите е уапсен откако со службениот автомобил направил сообраќајка во Подгорица, а потоа се обидел да го напушти местото на несреќата, велат полициски извори на „Вијести“.
Се се случило околу 13 часот во населбата Загорич кога, Секулиќ со службениот автомобил удрил во комбе.
По шест часа притвор, полицијата против Секулиќ поднесе прекршочна пријава и го приведе кај дежурниот судија на Судот за прекршоци.
Тој околу 20.00 часот бил спроведен во Судот за прекршоци во Подгорица.
Во несреќата нема повредени, но причинета е материјална штета.
Еден од соговорниците за „Вијести“ рекол дека полицијата со алкотест утврдила дека Секулиќ го управувал автомобилот со 1,75 промили алкохол во крвта.
Според неофицијални информации, тој по несреќата наводно сакал да го напушти местото каде што се случила несреќата, но во тоа бил спречен од граѓаните, кои со него го чекале пристигнувањето на полициската патрола.
Секулиќ бил лишен од слобода поради возење во алкохолизирана состојба и извесно време бил во зградата на полицијата во Подгорица.
Медиумот наведува дека државниот секретар возел електричен автомобил „тојота“ од 40.000 евра, кој УНДП го донирале на Министерството за здравство.
Полициската управа (УП) соопшти дека Секулиќ возел со 1,76 промили алкохол во крвта, поради што е уапсен.
Денеска во Подгорица околу 13.00 часот се случила сообраќајна незгода на улицата II Црногорски баталјон во која учествувале: А.С.(46) и И.Р.(29), кои ја пријавиле незгодата. При излегување на местото на сообраќајната незгода, при алкотестирање на возачот, било утврдено дека А.С. го управувал возилото со 1,76 г/кг алкохол, поради што согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата е лишен од слобода и ќе биде изведен пред надлежниот судија за прекршоци во Подгорица“, се вели во соопштението.
Како член на претседателството на Демократската народна партија (ДНП), Секулиќ на крајот на јануари годинава беше избран за државен секретар во Министерството за здравство.