Министерот за здравство Арбен Таравари учествуваше на состанокот на високо ниво за антимикробна отпорност 2024 година во Генералното собрание на Обединетите нации.
Во својот говор на 79-та сесија пред Генералното собрание на ОН, министерот Таравари ја истакна посветеноста на Северна Македонија во борбата против глобалната закана од антимикробна отпорност како важен предизвик за јавното здравје и одржливоста на здравствениот систем по пандемијата COVID-19.
Таравари ја потврди заложбата за почитување на Резолуцијата 71/3 на ОН и имплементацијата на патоказот на СЗО за периодот 2023-2030 година, споменувајќи неколку достигнувања на Северна Македонија како што се надзорот на РАМ, подигањето на свеста за употребата на антибиотици и зајакнувањето на лабораториските капацитети, нагласувајќи ја важноста на мултисекторскиот пристап наречен „Едно здравје” кој го вклучува здравјето на луѓето, животните и животната средина.
Министерот Таравари во оваа прилика повика на глобална соработка за борба против антимикробната отпорност за заштита на здравјето на идните генерации.
„Додека се подготвуваме за 4-та министерска конференција за антимикробна отпорност во ноември 2024 година, ги повикуваме претставниците на сите земји-членки овде да се обединат во нашите напори против РАМ. Заедно, можеме да го заштитиме здравјето на сегашните и идните генерации”, рече Таравари.