Со три модни ревии синоќа почнаа Деновите на модата во Штип. Во една од празните фабрички хали на поранешниот текстилен комбинат „Македонка“ се реинкарнираше модната индустрија во градот, во кој се сконцентрирани најголем дел од конфекциите во земјава, кои имаат, пред се, лон производство. Но, во изминатите години неколку штипски компании почнаа да создаваат свои брендови, а со своите модни креации веќе се препознатливи и на домашниот и странскиот пазар.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов истакна дека градот Штип три дена ќе живее во знакот на модата, а настаните се организираат во соработка со домашните компании кои произведуваат свои брендови, Универзитетот „Гоце Делчев“ и Здружението „Гласен Текстилец“.
-Целата организација е во насока на мотивирање и стимулирање на модната индустрија, нејзина реинкарнација, ребрендирањето и реорганизацијата на оваа индустрија по којашто нашиот град е познат, како локална самоуправа се одлучивме на овој чекор. Затоа што глобалните трендови го налагаат сето ова, вели Јорданов.
Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ вели дека на Денови на модата во Штип синоќа се презентираа и модели на реномирани македонски модни дизајнери, на моделите имаат работено ментори и млади дизајнери, а студентите биле од Академијата „Скала Џорлев“.
-Инспирирани беа од пет елементи на природата, вечерва ќе видите 12 модели, кои беа направени преку проект и планирани за лицитација. Меѓутоа сакаме вечерва да бидеме присутни тука и да дадеме свој придонес преку овие модели, вели Ампева.
Модната дизајнерка, Катерина Тошев истакна дека со моделите ќе се презентираат и на Модниот викенд во Скопје, каде што за моделите ќе има аукција, а средствата ќе одат за лица кои се од социјално ранливи категории и за проекти од областа на образованието.
Мики Црнокрак истакна дека ова е несекојдневен настан за Штип, кој, како што вели треба да биде секојдневен или барем еднаш месечно, бидејќи Штип е најголемиот македонски град на модата од поранешните познати југословенски фабрики, од кои се произлезени помали фабрики, а има и голем број на модни дизајнери.
Денови на модата во Штип продолжуваат вечер во 19 часот со модни ревии на штипски конфекции кои произведуваат свои брендови.