Веќе извесен период не се субвенционира цената на струјата за домаќинства, а тоа може да се забележи и на сметките што корисниците ги добиваат.
Таму веќе го нема примерот, што претходно стоеше а кој наведуваше колку од износот за електрична енергија го покрива државата преку субвенционирање.
Дел од граѓаните неделава добија повисоки сметки за струја, а некои од нив почнаа и јавно да се жалат на социјалните мрежи.
Дека септемвриската сметка за струја е сериозно зголемена потврдува и читател на 24инфо.мк
Како што тој објаснува летово вообичаено плаќал по 1.800 денари, а последниот месец сметката изнесувала над 2.600 денари, што е за речиси 50% повеќе.
За укинувањето на субвенциите реагираше и политичката партија Левица.
„Владата со нов удар по џебот на граѓаните – ставката „субвенции“ на сметката за електрична енергија магично исчезна, пред почетокот на грејната сезона. Најпогодени од ваквата политика се граѓаните со најниски примања. По уште еден параметар, актуелната Влада, и покрај формирањето на ново Министерство за енергетика, успева да биде полоша, дури и од претходната! Левица апелира да продолжи субвенционирањето на електричната енергија, чиј прекин ќе ги погоди најсиромашните и, веројатно, ќе доведе до нов бран на инфлација“ се наведува во соопштението од Левица.