Мајката на убиената Вања Ѓорчевска, Зорица пред судот децидно изјави дека никој не им побара откуп. На прашање на судијата кога Александар прв пат рекол дека Вања е киднапирана, таа не беше сигурна, но рече дека во автомобилот додека ја барале Вања по Партизанска, Александар почнал да зборува дека таа е киднапирана.
– Од прв момент го зборуваше тоа. Во текот на наредните денови повторуваше дека е киднапирана – јас му велев кој би ја грабнал? Во еден од наредните денови му се развикав да престане да зборува за тоа дека е киднапирана, зашто дотогаш никој не ни побарал откуп – рече Зорица и додаде дека од продажбата на станот ѝ останале 30.000 евра.
Адвокатот на обвинетиот Љупчо Палевски Палчо ја праша Зорица дали го познава провообвинетиот, на што таа рече:
– Не, ама знам кој е, татко ми купи стан од него.
На прашањето дали Александар и Палевски се познавале, Зорица рече дека не знаела.
– Немам никакви сознанија, не следам медиуми, живеам во четири ѕида за да го заштитам детето од наслови и не знам што се шпекулира – рече таа и додаде дека од медиумите дознала дека Александар е притворен.