ОЈО Скопје до Основниот кривичен суд – Скопје поднесе обвинение против три лица. Еден од обвинетите е осомничен за убиство од член 123 став 1, а тројцата заедно се обвинети за кривичното дело убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (обид) од Кривичниот законик.
Убиството се случило на 31 август 2014 година. Тројцата обвинети влегле во двор од куќа во Арачиново, во која живеел сега покојниот Бајрами Мевљудин и неговото семејство.
Еден од обвинетите, со истрел од пиштол, со умисла го лишил од живот Бајрами Мевљудин, а се обидел да го убие братот на жртвата. Останатите двајца обвинети пукале кон мајката на жртвата и кон другиот брат, нанесувајќи им прострелни рани.
Ценејќи дека и натаму постојат законските основи заради кои на тројцата обвинети им беше претходно определена мерка притвор, надлежниот јавен обвинител до Кривичниот суд достави и предлог за продолжување на оваа мерка за обвинетите. Притоа, како основ се наведува опасноста обвинетите да се дадат во бегство со цел да го избегнат кривичниот прогон, особено со оглед на тоа што тие не биле достапни на органите на прогонот речиси пет години по извршување на делото и беа лишени од слобода дури во април годинава.