Комисијата за надворешни работи на американскиот Сенат в среда ќе има сослушување поврзано со пристапувањето на Северна Македонија во НАТО, додека утре, пак, се одржува настан за улогата на Грција како геостратешки сојузник на САД во Западен Балкан.
На сослушувањето во Сенатот повикани се помошник државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, и Кетрин Вилбаргер, американски заменик помошник секретар за одбрана за меѓународни безбедносни прашања.
Претседавачот со Комисијата, сенаторот Џејмс Риш, претходно изјави дека веднаш по сослушувањето, протоколот за влез на Северна Македонија во НАТО ќе оди на гласање во Сенат.
Сенаторот тогаш укажа дека најверојатно тоа ќе се случи во јуни и дека во Сенатот ќе има голема поддршка за ратификација на протоколот.
Во Атлантскиот совет во Вашингтон, пак, утре се одржува дискусија за улогата на Грција како геостратешки сојузник на САД во Западен Балкан. На дискусијата ќе зеде учество грчкиот алтернативен министер за финансии Георгос Чулијаракис и Симос Анастопулос, претседател на Грчко-американската стопанска комора, како и Џефри Пјат, амбасадор на САД во Грција.
На настанот, организиран од иницијативата Идна Европа и од Грчко-американската стопанска комора, ќе се говори за безбедносната соработката помеѓу САД и Грција во Западен Балкан и на Медитеранот и за американските стратешки планови во регионот.