Претседателот Илир Мета нема да биде разрешен. Избори на 30 јуни нема да има. Сето тоа е само блеф и галама на Еди Рама кој сака да го отргне вниманието на албанските граѓани од криминалот во кој е вмешан.
Ова е оценката на лидерот на албанската опозициска Демократска партија Љуљзим Баша во врска со најновите случувања во земјата, јави дописничката на МИА од Тирана.
-Еди Рама не сака да зборува за криминалот, дрогата и неговите секојдневни кражби. Тој посакува на сцена да стави теленовела со изборна и претседателска драматизација, надевајќи се дека ќе се заборави фактот дека Астрит Авдулај (водач на криминална група кој се слуша во бомбите со градоначалникот на Драч, Дако) е де факто претседател на Социјалистичката партија во Драч, градоначалникот на Драч, полициски началник, главен цариник и прв даночник на Драч. Ова е најзначајниот и непобитен политички факт од последните шест години: фактот кој го потврди обединувањето на криминалот со Социјалистичката партија и социјалистичката влада, обвини Баша.
Тој иронично се запраша кој ќе го разрешува Илир Мета од функцијата претседател на Републиката, споменувајќи при тоа повеќе имиња на фукционери од редовите на Социјалистичката партија, кои рече „се потонати во криминал и корупција”.
Баша искажа целосна поддршка на одлуката на Мета да ги одложи локалните избори.
-Не е до мене да судам околу одлуката на претседателот, иако целосно го поддржувам. Политички можам да кажам дека монистичките избори не се избор. Политички, можам да кажам дека уставната и одговорна одлука на Претседателот им служи на луѓето и на јавниот интерес. Надвор од секое индивидуално мислење, постои една и единствена институција која може да се произнесе, а тоа Уставниот суд. Овој суд гордо го уништи Еди Рама, како што го уништи и Врховниот суд, и тој денес не може да се произнесе, рече Баша.
Тој го повтори ставот на обединетата опозиција дека битката за Албанија како цела Европа продолжува уште поодлучно, без ниту еден чекор назад.