Јавната презентација на проекти за урбанистичка визија за Дебар Маало ќе се одржи в среда (12 јуни), од 10 до 14 часот на паркингот пред Општина Центар.
„Дебар Маало како една од најатрактивните локации за живеење во Скопје е под постојан притисок на интензивна градба. Ваквата состојба резултира со намалување на јавните простори и намалување на комплетниот квалитет на живeење. Оттаму, потребно е да се промени начинот на гледање на просторот и да се бараат простори што може да го надоместат изгубеното или да го искористат потенцијалот на постојните локации“, велат од Институтот за комуникациски студии.
Студенти по архитектура, под менторство на проф. д-р Дивна Пенчиќ, детектираа десетина атрактивни и подобни простори и локации во Дебар Маало и изработија макети и постери за нивно идно користење и изградба.
На настанот жителите на населбата и други граѓани ќе може да ги видат урбанистичките решенија и визиите на студентите за подобрување на условите за живеење во Дебар Маало.
Јавната презентација се одржува во рамките на кампањата за подобра животна средина „Не игнорирај! Реагирај!“, која ја реализира Институтот за комуникациски студии, а е финансирана од британската амбасада во Скопје.