Најновите предизвици на Светскиот поштенски сојуз, поштенската регулатива на Европската Унија која има за цел создавање единствен пазар, како и поштенската техничка соработка меѓу европските земји, ќе бидат во фокусот на 54. Пленарен состанок на Европскиот комитет за поштенска регулација ЦЕРП, чиј домаќин утре и задутре во Скопје ќе биде Агенцијата за пошти.
Улогата на Европскиот комитет за поштенска регулација e да ги проучува регулаторните прашања во европски контекст земајќи ги предвид разликите помеѓу регулаторниот и оперативниот аспект во поштенскиот сектор, да го оцени влијанието на меѓународните регулаторни политики во сите земји од ЦЕРП – Европската конференција на поштенски и телекомуникациски администрации и да се воспостават потребните контакти со Европската Унија.
Исто така, ЦЕРП презема активности за воспоставување и одржување односи со претставници на релевантни тела и здруженија што се занимаваат со прашања за поштенска регулација и да развие предлози каде што е соодветно, врз основа на резултатите постигнати од работните групи.
Пленарниот состанок се организира во рамки на твининг проектот на ЕУ „Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за пошти” со кој управува FIIAPP Фондацијата.
Агенцијата за пошти беше домаќин на пленарен состанок на ЦЕРП во 2014 година.