Иранскиот претседател Хасан Рохани во понеделникот вечерта ги обвини САД дека извршиле економски тероризам против Техеран, повикувајќи ја Европа да се приклучи во борбата против политиките на Вашингтон на Блискиот Исток, пренесува иранската новинска агенција „Фарс“.
Рохани ја повика ЕУ да застане како сојузник на Иран на состанокот со министерот за надворешни работи на Германија, Хајко Маас.
„Исламската република Иран никогаш не била и никогаш нема да биде ставена во ќор-сокак под притисок и санкции. Иран е решен да развие политички и економски односи со земјите-членки на ЕУ, особено со Германија”, рече тој.
Иако ги поздрави односите на ЕУ со Иран, Рохани, исто така, не можеше да се воздржи од критикување на САД и ја повика Европа да се спротивстави на економскиот тероризам.
„Војната што САД ја започнаа против Иран во изминатава година никогаш нема да биде од корист за никого, а иранската нација во овој временски период докажа дека ќе ги издржи овие притисоци и малтретирање. Очекуваме Европа да му се спротивстави на економскиот тероризам на САД против иранската нација,” нагласи тој.